Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет, овој циклус на смрт мора да се запре, изјави денес високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

На состанокот меѓу ЕУ и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, што се одржа во Кувајт, Калас рече дека мора да се искористи политичкиот моментум од Њујорк, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

„Ги поддржуваме тековните напори за постигнување прекин на огнот, ослободување на заложниците и воспоставување политичка рамка за мир. Европската Унија е подготвена да придонесе за овој план со сите расположливи средства“, рече Калас.

Според неа, ЕУ е најголемиот хуманитарен донатор во Газа, основа нова Група на донатори за Палестина и останува најголем финансиски поддржувач на Палестинската самоуправа со 1,6 милијарди евра наменети за периодот 2025-2027 година.

ЕУ се обидува да добие улога во преодната влада на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, изјави Калас пред новинарите на маргините на состанокот. „Да, сметаме дека Европа има важна улога и дека и ние треба да бидеме вклучени во тоа“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали ЕУ сака да учествува во Комитетот за мир на Трамп.

„Европската унија е еден од главните донатори на помош за Палестинците и има врски и со Палестинската самоуправа и со Израел, истакна Калас. „Мислам дека Европа не треба да биде само давател на средства, туку и активен учесник“, рече таа.

Калас нагласи дека ЕУ работи на мировен план и соработува со арапските партнери. „Тие разбираат дека е во интерес на сите да бидеме присутни, па се надеваме дека и Израелците ќе се согласат со тоа“, додаде таа.

Фото: принтскрин

Текстот Калас: Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет е превземен од МАКФАКС.