Кремот за сончање е неопходен за да ја заштитиме кожата од штетните сончеви зраци. На пакувањето на производите за заштита од сонце стои број на фактор на заштита од сонце (СПФ) со кој се означува нивото на заштита од УВБ-зраци. Мора и да се наведе дали производот поминал тест од широк спектар против ултравиолетово (УВА) зрачење на сонцето.
Што е заштитниот фактор СПФ?
Кога поминуваме време на сонце, изложени сме на два потенцијално штетни видови зраци: УВА и УВБ. Факторот на заштита од сонце (СПФ) е број кој покажува колкава заштита нуди производот од УВБ-светлина. Производот со повисок СПФ нуди поголема заштита.
Факторите под 15 нудат ниска заштита, оние од 15 до 29 нудат средна заштита, оние од 30 до 49 нудат висока заштита, а факторот над 50 нуди многу висока заштита.
СПФ дава претстава за тоа колку е помал ризикот од оштетување на кожата доколку се користи кремот. Тој се фокусира на времето што им е потребно на УВБ-зраците да поминат низ кремот за сончање и да предизвикаат црвенило, во однос на времето кога нема крем за сончање.
Факторот се пресметува така што дозата на сончево зрачење која е потребна за да предизвика црвенило се дели со дозата потребна да предизвика црвенило без крем за сончање. Ако е потребно 15 пати повеќе време кожата да поцрвени со крем за сончање отколку без него, СПФ е 15. Во теорија, ако незаштитената кожа станува црвена за 10 минути, кремот за сончање со СПФ 30 треба да го спречи црвенилото за 300 минути, односно 5 часа, што е 30 пати подолго од времето без крем.
Меѓутоа, погрешно е да се мисли дека кремовите со повисок фактор овозможуваат безбедно долго седење на сонце бидејќи во појавата на црвенилото играат улога и временските услови, периодот од денот, типот на кожата и начинот на нанесување на кремот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.