Руски функционери им кажале на своите американски колеги дека не сакаат специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, да биде вклучен во дискусиите на највисоко ниво за завршување на војната во Украина, според американски функционер и друг извор запознаен со ова прашање.
Келог навистина отсуствуваше од некои состаноци на високо ниво во последниве недели, вклучувајќи го и состанокот на кој присуствуваа американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и државниот секретар Марко Рубио со украинската делегација во Саудиска Арабија во вторникот. Келог не беше ниту на состанокот на високо ниво со Русите во Саудиска Арабија во февруари.
Ројтерс пишува дека не е веднаш јасно дали отсуството на Келог е поврзано со барањето на руските официјални лица и дека не е познато кога било поднесено спорното барање. Сепак, неименуван американски функционер тврди дека барањето не било исполнето и потсетува дека Келог испратил висок член на неговиот персонал, Ели Роснер, да присуствува на последниот саудиски состанок.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД Џејмс Хјуит нагласи дека Келог игра клучна улога во завршувањето на украинската војна. „Претседателот Трамп ги искористи талентите на неколку високи функционери на администрацијата за да помогне војната во Украина да се доведе до мирно решение“, истакна Хјуит.
Руската инвазија на Украина, започната во февруари 2022 година, остави стотици илјади мртви и повредени, раселени милиони луѓе, ги претвори градовите во урнатини и ја предизвика најострата конфронтација меѓу Москва и Западот во последните децении.
Текстот Каде исчезна човекот на Трамп за Украина: „Русите побараа да се исклучи“ е превземен од МАКФАКС.