Руските сили бомбардираа десетици градови во регионот Донбас и се приближуваат до два клучни града во тој регион – Северодоњецк и Лисичанск. Украинската војска соопшти дека илјадници цивили се во опасност да бидат заробени.
Падот на овие два града ќе им овозможи на руските сили да ја преземат контролата врз целата провинција Луганск, една од целите на Русија во војната. Според гувернерот на Луганск, 90% од источниот регион веќе е под руска контрола.
„Ситуацијата е многу напната бидејќи Русите ги испратија сите свои сили да го окупираат регионот Луганск. Тие напаѓаат од различни страни, “ истакна Серхиј Хејдеј, гувернер на Луганск.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски, ги отфрли предлозите на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој на Економскиот форум во Давос изјави дека Украина треба да ѝ отстапи територија на Русија за да ѝ се стави крај на војната.
„Се чини дека календарот на господинот Кисинџер не е 2022 година, туку 1938 година, а тој мислеше дека разговара со публика не во Давос, туку во тогашниот Минхен. Инаку, во вистинската 1938 година, кога семејството на господинот Кисинџер бегаше од нацистичка Германија, тој имаше 15 години,“ кажа Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека тримесечната војна покажала оти рускиот претседател Владимир Путин нема да победи и дека не може да диктира услови за каков било договор. Според него, инвазијата врз цела Украина сега изгледа подалечна отколку на почетокот на војната.