Вработени во подрачната единица на Центарот за јавно здравје Берово минатиот месец пријавиле епидемија кај заболени деца кои престојуваат во детска градинка. Регистрирани биле 12 деца, лабораториски потврдени на салмонелоза, пишува во новиот билтен на Институтот за јавно здравје за движењето на акутните заразни заболувања во државата во месец февруари. Откако надлежните направиле епидемиолошко истражување, дале препорака за безбедно чување и приготвување на храната и одржување на личната хигиена.
За овој случај Мета.мк се обратиле за детали во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
„ДСЗИ доби информација од епидемиолог, за две пријави за изолиран и докажан причинител на заразно заболување Salmonella enteritidis spec. кај деца на 4-годишна возраст кои посетуваат градинка во Берово. Во детската градинка во Берово извршен е вонреден инспекциски надзор при што од санитарно-хигиенски аспект не се констатирани недостатоци. При надзорот од страна на епидемиологот од ЦЈЗ Кочани, земени се материјали од жива и нежива средина како и примероци од храна за микробиолошко испитување“, велат во ДСЗИ.
Оттаму информираат дека електронски им биле доставени информации за деца кај кои е изолирана Salmonella enteritidis, како и пријава за епидемија на заразно заболување во која изворот е претпоставен, но не е утврден.
Институтот за јавно здравје исто така информира и за труење со храна во сендвичарница во Струмица.
„Пријавени се три заболени лица со гастроинтестинални тегоби на возраст од 30-39 години. По направено епидемиолошко истражување, извршен е едукативен разговор со персоналот во однос на начинот на чување, приготвување и сервирање на храната. Спроведена е вонредна дезинфекција и вонреден санитарен преглед“, наведено е во билтенот на ИЈЗ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.