Италија ја разгледува можноста за ослободување на до 10.000 затвореници, што е околу 15 проценти од вкупната затворска популација, со цел да се намали пренатрупаноста, објави денес Министерството за правда. Министерството соопшти дека приближно 10.105 затвореници имаат право на алтернативни мерки како што се домашен притвор или условна казна, објави Ројтерс.

Овие мерки ќе се применуваат на лица кои веќе се осудени, на кои им остануваат помалку од две години од казната и кои немале сериозни дисциплински прекршоци во последните 12 месеци, објавува Танјуг.

Затворениците осудени за тешки кривични дела, вклучувајќи тероризам, организиран криминал, силување, трговија со луѓе и киднапирање, нема да бидат ослободени.

Според „World Prison Brief“, Италија се соочува со едно од највисоките нивоа на пренатрупаност во затворите во Европа, со стапка на зафатеност од 122 проценти. Само Кипар, Франција и Турција имаат полоша ситуација, беше наведено.

Иако беше предложено затворениците да бидат ослободени, овој потег е политички чувствителен, па затоа Министерството за правда формираше работна група која ќе соработува со затворите и судиите за условна слобода. Оваа комисија ќе донесува одлуки за секој поединечен случај и ќе поднесе извештај за својата работа до септември.

Текстот Италија планира да ослободи 10.000 затвореници за да ја намали пренатрупаноста е превземен од МАКФАКС.