Роботите полека ги прошируваат своите операции вон контролираните лабораториски средини – во „хаосот“ на архитектонската инфраструктура во реалниот свет, каде што одењето од точка А до точка Б стана предизвик. Така, компанијата „Роботикс“ од Италија, сега работи на развој на робот-хеликоптер со облик на човек.
Даниеле Пучи, шеф на лабораторијата на Италијанскиот институт за технологија, кој инсталираше целосно функционален џет-пак на човековидниот синтетички робот „Ајронкаб“ (iRonCub – железно младенче), полага надеж дека тоа еден ден ќе полета како „Железниот човек“ (Iron Man). Човековидните роботи имаат предност во однос на езотеричните конструкции и беспилотните летала кога станува збор за одговор на катастрофи, бидејќи тие можат полесно да се справуваат со светот што веќе е дизајниран за човечките потреби.
Меѓутоа, во случај на природна катастрофа, инфраструктурата наменета за обична човечка употреба, може да биде и непроодна, со што ќе се поништат придобивките од хуманоидниот робот. Но, со комбинирање на хуманоидниот дизајн со можноста за летање, тимот на Пучи сака да ги искористи најдобрите аспекти на двете технологии.
-Ваквите роботи комбинираат манипулација со воздух и човековидна роботика и на тој начин летечките роботи би можеле да ги надминат пречките и да ги прошират своите можности. Односно, ќе можат да одат, летаат, да ракуваат и пренесуваат предмети, притоа нудејќи енергетски ефикасни решенија, велат научниците.
Тимот истражувачи верува дека ваквите системи еден ден би можеле да дејствуваат како спасувачи во разни природни катастрофи во кои годишно умираат околу 90.000 луѓе.