Научници од британскиот Империјал колеџ во Лондон презентираа извештај според кој, првичните резултати покажуваат дека во моментот нема докази дека новиот сој омикрон е помалку опасен од делта-сојот.
Како што опбјави „Фајненшл тајмс“, првите наоди укажуваат и на зголемен ризик од реинфекција, но и на потребата да се прими бустер-доза вакцина за што поуспешна борба против омикрон.
Резултатите од студијата заснована на податоците за омикрон во Британија ги доведуваат во прашање ставовите на некои експерти кои се надеваат дека различен степен на патогеност на омикрон би можел да го намали притисокот врз болниците и покрај фактот што станува збор за варијанта што е значително позаразна од делта.
Нашата студија не најде докази дека омикрон е поблаг од делта-сојот. Заклучуваме од процентот на позитивни што пријавуваат симптоми и процентот на хоспитализирани по инфекцијата – соопшти д-р Нил Фергусон, водач на истражувачкиот тим и експерт за моделирање заразни болести и научен советник во британската влада.
Сепак, Фергусон додаде дека податоците за хоспитализациите досега се многу ограничени. Според студијата, податоците укажуваат на ограничени промени во тежината на болеста во споредба со делта-сојот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.