Ако работите напорно цела недела и не спиете доволно, здравствените ризици на кои сте подложни не се намалуваат дури и ако го поминете целиот викенд во одмор, покажа краткорочното истражување направено на група млади испитаници.

Имено, несоницата е поврзана со низа нарушувања, вклучувајќи дијабетес, дебелина, срцеви заболувања и пад на имунолошкиот систем, како и со зголемен ризик од сообраќајни незгоди, помала продуктивност на работа, но и чувство на осаменост.

Кенет Рајт од Универзитетот во Колорадо, Болдер, праша заедно со неговите колеги што се случува кога луѓето спијат доцна за време на викендите обидувајќи се да го компензираат недостатокот на сон на кој се изложени во текот на работната недела.

Во текот на истражувањето, членовите на првата група испитаници спиеле пет часа, девет ноќи по ред. По некое време, беше забележано дека тие почнале да се дебелеат, да јадат и после вечерата и дека нивната чувствителност кон инсулин станала помала во споредба со испитаниците од другата група кои спиеле по девет часа секоја вечер.

Во третата група, дополнителни 14 учесници спиеле по пет часа секоја вечер во текот на работната недела, додека за викендите им било дозволено да спијат колку што сакаат.

Меѓутоа, се покажало дека подолготрајниот сон за време на неработните денови не ги намалува негативните метаболички ефекти од несоницата и оти по долгорочно лишување од сон, потребен е подолг одмор од викендот.