Меѓународен тим од истражувачи го испитуваше загадувањето со пластика во езерата на светско ниво. Резултатите покажуваат дека микропластиката сè уште е присутна и во оние водни површини што се навидум недопрени од човекот и во споредба со океаните, во помалите копнени води има сразмерно поголеми количества микропластика.
Лимнологот Катрин Атермаер од Универзитетот на Виена, Австрија и Истражувачката група за водна екологија и управување со водите од Универзитетот на Милано-Бикока во Италија зедоа примероци од 23 езера од 38 земји. Езерата се избрани така што нивните хидроморфолошки одлики како длабочина, должина на брегот, зафатнина, но и присуството на пречистителни станици, густина на населеност со луѓе – покажуваат најголема разновидност и се географски дисперзирани. Затоа, примероците може да се сметаат за глобално репрезентативни.
Земени се, на пример и примероци од единственото езеро во Австрија – Лунцер Си, релативно мало езеро чиј брег е ретко населен, спаѓа во помалку загадените езера со помалку од една пластична честичка на кубен метар.
Пластиката во примероците вода потоа е групирана по облик, боја и големина. Сѐ тоа покажува дека речиси 94 отсто од пластичните честички во водата се микропластика. Тие го анализирале и хемискиот состав на честичките и дошле до изненадувачки заклучок дека повеќето од нив се полиестер, полипропилен или полиетилен.
– Последните два материјали сочинуваат повеќе од половина од светското производство на пластика. Така, два вида езера се особено загрозени – оние густо населени, урбанизирани области и оние со големи водени површини – објаснува Атермаер.
Истражувањето покажа и дека езерата Лугано, Лаго Маџоре и Тахо се веќе позагадени и од најзагадените суптропски океански струи во светот. Покрај тоа, пластични честички се пронајдени дури и во водите кои се навидум недопрени од човековото влијание. Научниот труд укажува дека езерата можат да бидат добар показател за степенот на загадување со пластика на светско ниво, а и езерата и реките треба да се земаат предвид во борбата против микропластиката.