По повеќемесечна предистражна постапка, во текот на вчерашниот ден во координација со предметен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР спроведоа акција на повеќе локациии низ Градот Скопје. При претресите е пронајдена количина на наркотични дроги – кокаин и марихуана, а во домот на еден од осомничените се пронајдени и куршуми за пиштол, за чие набавување и поседување е потребно одобрение и дозвола за поседување.
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.3 од Кривичен законик.
Осомничените од февруари до октомври годинава се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога-кокаин и наркотична дрога – марихуана. За таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластената продажба на наркотичната дрога така што првоосомничениот неовластено ја набавувал, ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачје на Скопје. Потоа дел од неовластено набавената наркотична дрога ја предавал на останатите осомничени лица кои секој посебно преземал дејствија за неовластена продажба, продавајќи ја по 4.000,оо денари за 1 грам кокаин и по 500,оо денари за 1 грам марихуана.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог оваа мерка да биде определена спрема сите осомничени.
Текстот Истрага против четири лица за препродавање на дрога е превземен од МАКФАКС.