Истрага на ОН: Израел и Хамас извршиле воени злосторства од 7 октомври

Истрагата на Обединетите нации за првите неколку месеци од војната во Газа откри дека Израел и Хамас извршиле воени злосторства и сериозни прекршувања на меѓународното право, во првата длабинска истрага на телото за нападите на 7 октомври и конфликтот што следеше, пренесува Си-Ен-Ен.

Извештаите објавени денеска, кои ги покриваат настаните до крајот на 2023 година, прикажуваат алармантна слика за двете страни кои рутински го занемаруваат меѓународното право во разорниот конфликт што сега беснее повеќе од осум месеци, жестоко го поделува глобалното мислење и ги зголемува тензиите во средниот Исток.

Извештаите на Истражната комисија на Обединетите нации започнуваат на 7 октомври, денот кога Хамас и другите палестински вооружени групи започнаа убиства и киднапирања во јужен Израел во која загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 250 луѓе беа земени како заложници.

Воените злосторства наведени од комисијата тој ден вклучуваа намерно насочување напади врз цивили, убиства или намерни убиства, мачење, нечовечко или сурово постапување, навреда на личното достоинство и земање заложници, вклучително и деца.

Масакрите тој ден го поттикнаа Израел да му објави војна на Хамас и да изврши напад врз Газа што уништи голем дел од густо населената енклава и уби повеќе од 37.000 луѓе, според здравствените власти во Газа.

И Израел и Хамас извршиле сексуално насилство и тортура и намерно напаѓале цивили, според извештаите, кои опфаќаат повеќе од 200 страници.

Во првите 2,5 месеци од конфликтот, според истражувањето на комисијата, од страна на Израел се извршени воени злосторства, како и злосторства против човештвото – последното дефинирано како широко распространет, системски напад насочен кон цивилно население. Наводните воени злосторства на Израел вклучуваат гладување, произволно притворање и убивање и осакатување на „десетици илјади деца“.

Од Комисијата велат дека наодите се засноваат на интервјуа со жртви и сведоци, илјадници предмети со отворен код потврдени преку форензичка анализа, стотици поднесоци, сателитски снимки, форензички извештаи и медиумско покривање, вклучително и неколку клучни истраги на CNN.

Д. Т.