Сè уште нема официјални информации за причините кои доведоа до колапс на електроенергетскиот систем, кој остави без струја големи делови од четирите држави од Западен Балкан. Директорот на Националниот диспечерски центар на електропреносниот систем на Црна Гора, Ранко Реџиќ, вели дека „вакво нарушување не е забележано во последните 30 години“.
„Нарушувањето беше од регионални размери и зафати големи делови од Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и значителен дел од Хрватска. Засега немаме информации што го предизвикало овој настан. Дојде до прекин на напонот, откажаа некои елементи во системите во опкружувањето и во нашиот систем. Тие елементи ги вративме под напон“, изјави Реџиќ и додаде дека сѐ уште се истражува причината за снемувањето струја./DW
Реклама
Пренатрупани водови
Тој се осврна и на информациите дека снемувањето струја се случило како последица на голем пожар во близина на далноводот од 400 kw на непристапен терен на границата меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина. „Тоа сѐ уште се истражува. Многу е можно тоа да се случило“, рече тој, додавајќи дека Црна Гора сѐ уште нема информации дека причината за проблемот потекнува од оваа земја. „Во моментот кога ќе се формира комисијата и ќе заврши истрагата, ќе знаеме што се случило и како се одвивало сѐ. Засега нема причина да се верува дека причина за колапсот е човечкиот фактор“, заклучи Реџиќ.