Номинацијата на Теодора Генчовска за министерка за надворешни работи од редовите на партијата на Слави Трифонов – „Има таков народ“, е трет обид за нејзино вклучување во бугарската влада за помалку од половина година, анализира бугарски „Дневник“.
Според официјалната „визит-карта“ што ја дистрибуира „Продолжуваме со промените“, Генчовска дипломирала современа историја на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, а подоцна студирала на Воената академија „Георги С. Раковски“. Поминала голем број дополнителни обуки: курсеви за политики и планирање на Школата на НАТО во Германија; стратешки модул на НАТО-колеџот во Рим, Италија; обука за меѓународни односи на воена академија во Велика Британија. Посетувала стратешки курс по воена дипломатија во воена база во САД, пишува во нејзината биографија.
Таа беше кандидат и во двата предлог-кабинета на партијата на Трифонов – првиот, изненадувачки објавен ден по парламентарните избори на 11 јули 2021 година со премиер Николај Василев и вториот, најавен неполн час пред средбата со претседателот Румен Радев со премиер Пламен Николов. Во двата случаи, Генчовска беше предложена за министерка за одбрана.
Сега нејзиното име се појави како потенцијален шеф на бугарската дипломатија.