Мораме да се соочиме со империјалистичките стремежи во Европа, тоа значи зајакнување на француско-германските односи, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата посета на Германија.
Макрон вчера пристигна во тридневна посета на Германија, што е прва посета на шеф на француска држава на Германија по 24 години, а беше пречекан од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Макрон рече дека посетата доаѓа во „клучен момент за Европа“, пред се поради војната во Украина.
– Треба да се соочиме со империјалистичките стремежи во Европа … тоа значи зајакнување на француско-германските односи, рече Макрон по приемот во претседателската палата.
Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер оцени дека Германија и Франција, доколку работат заедно, можат да се справат со геополитичките предизвици на Европа, како што се војните во Украина и Газа и претседателските избори во САД.
Макрон утрово во Берлин им оддаде почит на жртвите од холокаустот. Тој заедно Штајнмаер, го посетија Меморијалот на убиените Евреи од Европа, кој се наоѓа во близина на Бранденбуршката порта и зградата на Рајхстагот во центарот на владиниот округ во Берлин.
Двајцата претседатели денеска ќе отпатуваат за Дрезден, каде Макрон ќе одржи говор, а утре вторник францускиот претседател ќе го посети Минстер, на западот на Германија.
По посетата на Минстер ќе следи средба на Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и министрите на двете земји во резиденцијата на германската влада недалеку од Берлин.