Европската унија денеска ја исплати првата транша од нејзината краткорочната итна финансиска поддршка за Палестинската управа во износ од 150 милиони евра, наменета за задоволување на нејзините најитни финансиски потреби и за поддршка на нејзината суштинска и кредибилна реформска агенда, соопшти Европската комисија.
Според претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ЕУ е целосно посветена да ја поддржи Палестинската управа во „овие тешки времиња“.
– Нашата итна помош од 400 милиони евра е наменета за поддршка на значајна реформска агенда и го отвора патот за обнова и реконструкција на Газа, посочи Фон дер Лајен.
Според неа, силната и реформирана Палестинска управа е клучна за остварување на „заедничката цел“ за мировно решение со постоење на две држави – Израел и Палестина, како „единствен начин за одржлив мир и за Израелците и за Палестинците“.
Денешната исплата на 150 милиони евра од вкупно предвидената сума од 400 милиони, следи по потпишувањето на Писмото за намери од страна на Европската комисија и Палестинската управа, во кое се утврдува стратегија за „справување со критичната буџетска и фискална ситуација на Палестинската управа“.
Од сумата од првата транша, 58 милиони евра се грантови наменети за исплата на плати и пензии на државните службеници на Западниот Брег и за поддршка на ранливите семејства, а останатите 92 милиони се обезбедени преку кредитна линија на Европската инвестициска банка (ЕИБ), пренесе МИА.
Според планот, следните два исплати на преостанатите средства од помошта се предвидени за август и септември, под услов Палестинската управа да се постигне напредок во спроведувањето на реформската агенда.
Комисијата воедно најавува дека на почетокот на септември ќе претстави законски предлог за „Сеопфатна програма за зајакнување и издржливост на Палестина“, со која ќе биде предвиден помош за Палестинската управа за постигнување буџетска рамнотежа до 2026 година и обезбедување долгорочна финансиска одржливост. Сите исплати на средства во рамките на оваа долгорочна иницијатива ќе зависат од напредок во спроведувањето на договорените реформски планови.
Европската Унија е најголемиот донатор на надворешна помош за Палестинците. За периодот 2021-2024 година според Европската заедничка стратегија предвидена е помош за Палестинците во износ од речиси 1,2 милијарди евра, од кои над 890 милиони евра се веќе исплатени.