Ирската лекарска организација (ИМО) ја повика владата да ја забрани употребата на паметни телефони за деца под 16 години и употребата на мобилни телефони во сите основни и средни училишта.
Лекарите повикаа употребата на телефони и социјални мрежи да се третира како итен случај на јавното здравје, пишуваат ирските медиуми.
– Нашите млади луѓе се изложени на токсична мешавина од исклучително штетна содржина и платформи за социјални медиуми. Од витално значење е владата да спроведе забрана за користење паметни телефони кај децата и адолесцентите. Уредите и содржините на социјалните мрежи имаат деструктивен ефект врз младите луѓе, соопшти ИМО, пренесува Ајриш Тајмс.
ИМО ги поздрави повиците на министерот за здравство Стивен Донели минатиот викенд да се забрани употребата на паметни телефони од страна на помлади од 16 години и неодамнешниот предлог на министерката за образование Норма Фоли да се забранат паметните телефони во сите основни и средни училишта.
– Истражувањата покажуваат исклучително деструктивен ефект врз децата и адолесцентите особено од користењето паметни телефони, а како општество мора итно да се справиме со кризата која има страшни последици по нивното ментално и физичко здравје, рече претседателот на ИМО, д-р Метју Садлиер.
Садлиер додаде дека секој индикатор за ментално здравје и психолошка благосостојба кај тинејџерите и младите станал понегативен од 2012 година, кога употребата на социјалните мрежи стана широко распространета.
Според него, не е доцна да се воведе оваа забрана, наведувајќи го успехот на земјата во значително намалување на употребата на тутун по големата кампања за јавно здравје. Тој изјави дека содржината на социјалните мрежи и употребата на мобилни телефони доведува до анксиозност, депресија, осаменост и склоност кон самоубиство.
Тој додаде дека државната поддршка е важна за да им се помогне на родителите да им забранат на своите деца да користат паметни телефони.
– Не е доволно да се бара од родителите сами да ја преземат оваа одговорност; Владата може и мора да интервенира за да ги изедначи условите за сите млади луѓе, вели докторот.
Студијата „Растење во Ирска“ покажа дека 40 отсто од децата поседуваат мобилен телефон до деветгодишна возраст. Училиштата во Ирска се разликуваат меѓу рестриктивни пристапи и доброволни иницијативи за справување со загриженоста за користењето телефон во основните и средните училишта.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.