Иран останува отворен за продолжување на преговорите со САД за иранската нуклеарна програма

Техеран останува отворен за продолжување на преговорите со САД за иранската нуклеарна програма со цел да се обнови договорот, изјави денеска вршителот на должноста министер за надворешни работи на Иран, Али Багери Кани, пренесе МИА.

Багери Кани во интервју за „Њузвик“ рече дека Иран има намера да поттикне и продлабочување на врските со Кина, Русија и соседните земји. Тој посочи дека Иран, исто така, ќе повика на поголема акција против Израел поради инвазијата на Појасот Газа.

Шефот на иранската дипломатија се подготвува да се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.

Во 2018 година, кога Доналд Трамп беше претседател, САД се повлекоа од нуклеарниот договор меѓу Иран и шесте светски сили што ги ограничуваше нуклеарните програми на Техеран. Индиректните преговори меѓу САД и Иран за заживување на договорот се во застој.

Иран го намали исполнувањето на обврските од договорот поради санкциите наметнати од САД кон Техеран.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави дека САД не се подготвени да ги продолжат преговорите за нуклеарниот договор со Иран по изборот на нов ирански претседател.

Багери Кани стана вршител на должноста министер за надворешни работи откако иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан загина во хеликоптерска несреќа заедно со иранскиот претседател Ебрахим Раиси во мај.

Иранците го избраа реформистот Масуд Пезешкијан за претседател, во време кога неговата земја е вовлечена во ескалација на тензиите со Израел и неговите западни сојузници, предизвикани од војната во Газа и унапредувањето на иранската нуклеарна програма.

Пред само три месеци, Иран и Израел за првпат разменија оган додека конфликтот во Газа се прошири. Израел сега се подготвува за потенцијален втор фронт против Хезболах, главниот регионален застапник на Иран, во Либан.

Експертите велат дека поумерено лице во претседателството би можело да го олесни дијалогот меѓу Иран и западните држави. На домашен план, Пезешкијан, исто така, може да воведе некои општествени промени, што ги нагласи за време на неговата изборна кампања, иако експертите предупредуваат дека таквите потези се далеку од загарантирани.

Д. Т.


Реформистот Масуд Пезешкијан е новиот претседател на Иран