Иранската полиција вчера соопшти дека со помош на паметната технологија ќе се идентификуваат и казнуваат жените кои ги кршат правилата за облекување.
Полицијата најави дека почнува „внимателно планирани акции“ во јавниот простор, возилата и на „местата на кои понекогаш се соблекува хиџабот“.
Новата мерка уследи откако се повеќе жени по минатогодишната смрт на Махса Амини, се спротивставуваат на задолжителниот кодекс на облекување.
– Според важечките закони, симнувањето на хиџабот се смета за кривично дело. Луѓето кои го прекршуваат законот се одговорни за своите постапки и своето однесување, изјави неименуван висок полициски функционер.
Според него, полицијата ќе ги предупреди компаниите доколку работничките го симнат хиџабот на работното место. По предупредувањето ако работничките не го почитуваат кодексот за облекување, компанијата ќе биде затворена.
Иранските власти претходно во неколку наврати предупредуваа дека следи казна ако жената го соблече хиџабот на јавно место.