Светската фудбалска федерација (ФИФА) на чело со претсетдателот Џани Инфантино се обидува да ја истурка идејата за промена кога се во прашање мундијалите, односно истите наместо на секои четири години да се одржуваат на две години.
-Ова не е само прашање дали сакаме да имаме Светски првенства на секои две години, туку што сакаме да направиме за иднината на фудбалот. Ако размислуваме за остатокот од светот и за поголемиот дел од Европа, тогаш треба да видиме што им носи фудбалот. Фудбалот е прашање на шанса, надеж, репрезентации. Не можеме да му кажеме на остатокот од планетата „дајте ни ги вашите пари и гледајте не на телевизија“. Мораме да ги вклучиме, -рече Инфантино кој потоа истакна некои бизарни работи.
-Мора да најдеме начин да го вклучиме остатокот од светот, да им дадеме надеж на Африканците, за да не мора да го минуваат Медитеранот во потрага по подобар живот, а всушност пред смртта во морето. Мораме да им дадеме шанса, да им дадеме достоинство. Не со сочувство, туку со давање можност на остатокот од планетата да учествува. Можеби Светското првенство за две години не е решение, но мора да разговараме за тоа, -истакна првиот човек на ФИФА.