Фудбалерот на Интер, Бенжаман Павард, ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Барселона поради повреда на левиот глужд, објавија италијанските медиуми.

Павар се повреди во неделата за време на првенствениот натпревар против Рома (0:1) и нема да патува за Шпанија, објавија „Газета дело Спорт“ и „Скај Италија“.

Францускиот фудбалер се повреди при дуел со противнички играч. Откако доби помош, тој се обиде да ја продолжи играта, но набрзо мораше да го напушти теренот.

Италијанските медиуми објавија дека Маркус Тирам, кој ги пропушти последните три натпревари поради повреда на мускулот, би можел да се врати во тимот на Интер.

Во последните осум дена, Интер претрпе три порази, во првенството против Болоња (0:1) и Рома (0:1) и во реваншот од полуфиналето на Купот против Милан (0:3).

До минатата недела, Интер беше во трка за тројната круна, но по елиминацијата од Купот, тоа веќе не е можно.

Тимот се бори за два трофеи, во Лигата на шампионите и во Серија А, во која, по два последователни порази, падна на второто место на табелата со 71 бод, три помалку од водечкиот Наполи.

Првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Интер и Барселона ќе се игра во вторник од 21:00 часот во Шпанија.

Во второто полуфинале, во вторник во Лондон, Арсенал го пречекува Пари Сен Жермен во 21:00 часот.

Текстот Интер без Павар против Барселона е превземен од МАКФАКС.