Претставата за ветената земја, онаква каква што ја виде авторот Зоран Спасов-Ѕоф, и самиот повратник од Канада, четири години ја смее и истовремено ја расплакува публиката. На сурово реален начин ги отсликува оние што се тука, а размислуваат да заминат, оние што заминале, а мечтаат да се вратат, а порака има и за оние што остануваат дома да ги пречекуваат и испраќаат печалбарите. Во интервју за „Макфакс“ во пресрет на 50. изведба, Спасов открива колку автобиографско има во претставата, дали му требале врски во Министерството за да ја постави, кого сè Александар Микиќ носи на сцената, а кажува и што ќе се случи со печалбарската сага на Вале и Божо Вампир.  

 

Како се роди идејата за книгата „Торонто експрес“?

„’Торонто експрес’ е логичен наставак на мегахитот ‘Тибам Штркот’. Дванаес години покасно, морав уште еднаш да ја посетам ветената земја и да напраам апдејт, што у ствари ќе биде основа за еден добар театарски комад.

 

Колку автобиографски елементи има во „Торонто експрес“?

Скоро све, пошто или мене ми се има десено или на мои блиски пријатели. Чак и кога ракунот се симиња низ каминот и го тамани пинатбатерот – и тоа е вистина. Вистина е и кога на Мујо му го вратија „ламборџинито“ пресувано у коцка од метар на метар на метар. Једино што не е вистина е што сливите не се големи ко праски, него се ко цитрони.

Ѕоф со Александар Микиќ и Јордан Симонов за кои вели дека се иницијаторите „Торонто експрес“ да биде и претстава

Како од книга стигна до театарска монодрама и зошто токму монодрама?

Еден есенски ден, далечната 2020 година, Микиќ ме праша дали дозволувам со мојот текст МНТ да аплицира у Министерство за култура. Прво му се изнасмеав у фаца за да после некој месец добиеме средства да купиме проектор, лаптоп и платно. И тоа све без мито, ургенции и пријатели на нашите пријатели, кои се пријатели на пријателите на министерот.

Зошто монодрама? Пошто е замислена како презентација у која сите гледачи се потенцијални емигранти за Канада за што после претставата добиваат и еден убав сертификат.

 

Како изгледа да гледате актер како Александар Микиќ, кој го оживува Вашиот текст на сцената? Успеа ли да отслика сè што замисливте?

Микиќ, покрај тоа што е човек од друга планета, у исто време е и страшна глумачка ѕверка. Човекот кој три години по ред е прогласуван за најдобар глумец у Македонија маестрално го долови ликот на Божо Вампир. Али тоа не беше само Божо, на сцената ја донесе и Вале, а богами и едно стотина илјади Македонци, кои се на доживотно привремена работа у странство. Микиќ на сцената носи една емоција што никогаш не е сретната во ниедна театарска претстава.

Микиќ на сцената донесе едно сто илјади Македонци, кои се на доживотно привремена работа у странство, вели Ѕоф

Кој момент од целиот процес, од пишување до театар, ви е најдраг?

Дефинитивно, премиерата, затоа што кога книгата се чита, авторот нема могуќност да ја види реакцијата на читателот, а овде е друго. Овде гледачите прво урлаат и рикаат од смеење, па после дел од нив скришно подзаплачуат за да на крајот стоечките овации траат по десет-петнаесет минути. Се оддава почит на бравурозноста на Микиќ и на откачената режија на Јоцо Симонов.

 

Што за Вас како автор значи 50. изведба на претставата?

 Ја искрено не знам дали е тоа многу или малку Отпосле ми кажаа дека 50 изведби се улазница за у клубот што се вика „бесмртни и вечно зелени претстави“. На овој начин се влага у елитното друштво на „Болва в уво“, „Солунски патрдии“, „Грев или шприцер“, „Стјуардеси“…

 

Дали за Вале и Божо Вампир публиката ќе слушне во нова претстава, како да остана некажано што избраа меѓу Канада и Македонија?

Кај и да е, ќе мора да слушне. Од оваа перспектива, четири години после премиерата, Канада е бајаги сменета, и тоа на полошо. А и Македонија е сменета – ама на уште полошо.

Текстот Интервју со Зоран Спасов-Ѕоф: Ми кажаа дека 50 изведби се влезница за клубот бесмртни и вечни претстави е превземен од МАКФАКС.