Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје и Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ започнуваат програма за стипендирање, каде што за првпат во процесот на стипендирање се вклучуваат и компаниите. Оваа пилот-програма започнува со Академијата за UX/UI plus, којашто е проширена и го опфаќа целокупниот развој и дизајн на софтверски решенија базирани на веб, покривајќи ги едни од најбараните работни позиции на денешницата: UX/UI дизајнер, WordPress и Front – End девелопер.
Поддршката се однесува на 3 поединечни стипендии коишто покриваат 50% и 100% од износот на изучувањето на оваа десетмесечна академска програма. Поради фактот што постои недостиг на кадар, кој може да се адаптира во една динамична средина со голем број проекти за клиенти од различни континенти (поврзани со развој на веб-апликации), компаниите од индустријата се вклучија со директно стипендирање на студентите со тоа што по завршување на академијата, истите ќе бидат дел од овие работни средини. На овој начин, идните студенти се подготвени да работат согласно потребите на работодавците, а за возврат добиваат нови лојални вработени подготвени практично да се доусовршуваат, изјави Крсто Златков, генерален директор на Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје.
Процесот на стипендирање од страна на компаниите започнува со „Инфо ден“ којшто ќе го организира Институтот за дизајн и технологија на 07.03.2022 во Јавна Соба, со можност и за online- следење, каде што идните студенти можат да се запознаат со програмата, менторите и процесот за аплицирање за стипендиите, коишто се директно финансирани од страна на компаниите од индустријата.
UX/UI Plus академијата е наменета за оние кои сакаат да започнат кариера како UX/UI дизајнери, WordPress програмери и Front-End девелопери; лица без претходно искуство кои сакаат своето образование да го насочат кон технологијата и дизајнот со фокус на развој на веб-страни; лица кои имаат завршено технички факултети (ИТ-науки, компјутерско инженерство и графички дизајн) како и лица кои веќе имаат искуство во ИКТ-индустријата.
Рокот за поднесување на апликација за стипендија ќе биде отворен до 21 март 2022. Повеќе информации на: https://www.facebook.com/events/4733178646791139
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.