Индекс за рангирање на пасошите: Северна Македонија е на 45-то место во светот, пред Албанија, БиХ и Црна Гора

Индексот за рангирање на пасошите на Хенли е оригинално и релевантно рангирање на сите пасоши во светот, според бројот на дестинации на кои нивните сопственици можат да патуваат без претходна виза.

Индексот се заснова на ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) – најголемата, најточна база на податоци за информации за патување, во соработка со истражувачкиот тим на Henley & Partners.

Според рангирањето на пасошите за 2024 година, Северна Македонија е на 45-то место во светот. Нашата земја се наоѓа пред повеќето држави во регионот на Западен Балкан. Албанија е на 48-мото место, БиХ на 50-то и Црна Гора на 46-то. Русија се наоѓа на 51-во, а Турција 52-ро на ранг листата.

„Другите земји од регионот, како Бугарија, Романија и Хрватска кои се наоѓаат на 13-то место, своето високо место на оваа ранг листа ѝ го должат на членството во ЕУ, што е дополнителен аргумент за важноста на членството во големото европско семејство“, вели еден неименуван македонски дипломат за ЦИВИЛ МЕДИА.

На првото место, може да се претпостави, се наоѓаат водечките ЕУ земји како Германија и Франција. Првото место го делат и Италија, Шпанија, Јапонија и Сингапур, додека САД, Канада и Унгарија се наоѓаат на 7-мо место на ранг листата на пасошите.

Џ. Дерала


ЦИВИЛ МЕДИА