На едно германско семејство во Лисабон властите им кажале дека нивниот син (46) починал во ужасна несреќа со жичница во Лисабон. Меѓутоа, кога пристигнале во мртовечницата за да го идентификуваат телото, се случил пресврт – нивниот син не бил меѓу мртвите. Подоцна бил пронајден жив во болница, објавува „Билд“.

Португалската полиција во четвртокот потврдила дека меѓу загинатите е и германски државјанин, но таа информација се покажала како неточна поради погрешен идентитет. Родителите на наводната жртва, германски турист, дошле да го идентификуваат телото во петокот, но не го пронашле. По пребарувањето, го лоцирале во болница – повреден, но жив.

„Физичкиот опис на германскиот државјанин што го добивме многу личел на оној на Британецот. Дури по научни тестови беше можно да се утврди вистинскиот идентитет на починатата жртва“, изјави портпаролката на полицијата. Германското Министерство за надворешни работи, исто така, потврдило дека не претпоставуваат дека има германски жртви.

Мажот (46) и неговата сопруга (45), која исто така беше повредена во несреќата, се на лекување во болница. Нивниот тригодишен син ја избегна несреќата речиси без повреди. Прво го спаси полицаец, а потоа го прегледа педијатар.

Во тешката несреќа што се случи во средата навечер загинаа вкупно 16 лица, иако првичните информации зборуваа за 17 жртви. Меѓу загинатите имало единаесет странски државјани: тројца од Велика Британија, по двајца од Канада и Јужна Кореја, и по едно лице од САД, Франција, Швајцарија и Украина, покрај петмина португалски државјани.

„Глорија“, една од туристичките атракции во Лисабон, веројатно поради дефект на кабел, неконтролирано се движела по стрмната улица, излетала од шините и се удрила во зграда. Во тек е истрага за причините за несреќата и проверка на одржувањето.

Фото: принтскрин

Текстот Им било кажано дека нивниот син починал во Лисабон: за родителите следувал шок е превземен од МАКФАКС.