Професорот по имунологија на Медицинскиот факултет во Белград, д-р Милош Марковиќ апелира сите кои не се вакцинирани против ковид-19 да се вакцинираат, а оние кои примиле две дози да ја и земат третата. Според Марковиќ, за Синофарм, која е класична вакцина, но и за векторските Спутник В и Астра Зенека, како трета доза најдобро е да се прими РНК вакцината, односно „Фајзер“ или „Модерна“. Тој исто така смета дека и покрај тоа што во повеќето земји третата доза се дава на имунокомпромитирани лица, во регионот треба да ја примаат сите, бидејќи опфатот со вакцинација е многу мал, има многу заразени, а и пациенти со тешка клиничка слика.

Тој повторува, како и многу негови колеги, дека сите вакцини се безбедни и секако подобри отколку граѓаните да не се вакцинираат, без разлика на нивната индивидуална ефикасност и посочува дека „имунитетот не е феномен на сè или ништо, туку тоа е нијанса, вакцините се дизајнирани да штитат од тешки форми на болести и во таа смисла штитат исклучително добро“.

Ако не сте вакцинирани, вакцинирајте се, ако сте примиле две дози земете ја третата, ако сте примиле трета доза, сепак внимавајте, изјави Марковиќ во Дан во живо на ТВ Н1.

Прашан дали е добро да се прими Фајзер како трета по две вакцини Синофарм, тој рече дека „Синофарм е цврста вакцина, но помалку ефикасна за да предизвика имунолошки одговор и има индикации дека тој опаѓа побрзо, и затоа третата РНК вакцина е добар избор и рационална одлука“.

АстраЗенека и Спутник В се засноваат на векторска технологија, тие се одлични вакцини, но имаат едно ограничување – ако постојано ги давате, човекот развива имунолошки одговор на нив, а потоа секоја наредна администрација ќе биде послаба, објаснува имунологот и додава дека „рационална основа е дека вакцините се мешани, односно дека РНК вакцината се дава и како трета доза по векторската вакцина“.

На аргументите на многумина кои не сакаат да се вакцинираат – дека и вакцинираните се заразуваат, докторот наведува дека постои можност вакцинираните да се разболат, но најверојатно ќе добијат лесна форма на болеста и ќе имаат помал ризик од пренесување на вирусот на други.

Тој вели дека постои теоретска можност вирусот да го пренесат и вакцинираните, но таа е драстично помала од онаа на невакцинираните. Додава и дека студиите покажале дека колку е помал бројот на вакцинирани, толку е поголема можноста за пренесување на вирусот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.