Неколку илјади демонстранти вчера излегоа на улиците на словачкиот главен град Братислава и други градови за да протестираат против посетата на премиерот Роберт Фицо на Москва.
Фицо присуствуваше на годишната руска воена парада по повод победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Додека поголемиот дел од Европа ја одбележа годишнината завчера, Русија секогаш ја одржува својата парада на победата на 9 мај. Фицо беше единствениот лидер на земја-членка на Европската Унија што присуствуваше на настанот и беше критикуван за неговиот проруски став.
Најголемиот протест се одржа во Братислава. „9 мај е Ден на Европа, но не за секого. Роберт Фицо ќе го помине со воен злосторник“, објави организаторот на протестот на Фејсбук, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин.
Шефицата на ЕУ, Каја Калас, исто така, остро го критикуваше патувањето на Фицо во Москва. „Секој што ја поддржува слободата, независноста и европските вредности треба да биде денес во Украина, а не во Москва. Фицо е на погрешната страна“, рече таа.
Словачкиот премиер го бранеше своето патување во пораки на Фејсбук до своите поддржувачи. Тој рече дека неговото патување е за да им оддаде почит на оние што загинаа за ослободувањето на Словачка од нацистичката власт.