Шест израелски заложници беа пронајдени мртви во тунел под Појасот Газа, соопшти вчера израелската војска, најава што доведе до кулминација на неколкумесечениот јавен гнев на Израелците.
Воен портпарол изјави дека телата на заробениците, кои биле на возраст од 23 до 40 години, меѓу кои и Херш Голдберг-Полин, двоен израелско-американски државјанин, биле пронајдени под јужниот град Рафах. Тие беа „брутално убиени“ непосредно пред тоа, додаде тој. Хамас рече дека одговорноста за смртта е на Израел за неуспехот да се согласи со договор за прекин на огнот, пренесува Њујорк тајмс.
Бесни демонстранти ги преплавија израелските улици минатата ноќ, во еден од најголемите демонстрации во речиси 11-месечната војна, за да го повикаат Бенјамин Нетанјаху, премиерот на земјата, да се согласи на примирје што ќе овозможи преостанатите заложници да бидат вратени дома. Спротивно на тоа, јастребите во израелската влада повикаа на интензивирање на војната како одмазда за смртта на заложниците.
Израелската синдикална организација Хистадрут (Генерална организација на работниците во Израел) денеска организира еднодневен генерален штрајк во знак на протест против неуспехот на владата да стави крај на конфликт во палестинската енклава, еден ден по објавувањето на инфорамцијата дека во Појасот Газа се пронајдени тела на шест заложници, јави ДПА.
Протестната акција започна утрово во 6 часот по локално време – во 08:00 часот протестираат и вработените на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив, што ќе резултира со прекин на сите слетувања и полетувања на авионите.
Во меѓувреме, израелската војска продолжи со бомбардирањето на Газа, напаѓајќи поранешно училиште за кое војската рече дека Хамас го користи како „комплекс за команда и контрола“.
На Западниот Брег вооружени напаѓачи убија тројца израелски полицајци додека се возеа низ територијата окупирана од Израел.
Драган Мишев