Израел ја запре испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа поради, како што наведуваат израелските безбедносни власти, „очигледно прекршување на примирјето од страна на Хамас“, пренесоа агенциите.

„Трансферот на хуманитарна помош е стопиран до понатамошно известување“, изјавил израелски безбедносен претставник, пренесе „ДПА“. Израелската војска соопшти дека милитанти во неделата нападнале израелски војници на југот и северот на појасот, користејќи и противтенковска ракета.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху им наредил на војниците да преземат одлучни мерки против терористички цели, откако се појавиле извештаи за нападите.

Според Ројтерс, Нетанјаху ја донел одлуката по консултации со министерот за одбрана и безбедносните служби.

Хамас ги негираше нападите и го обвини Израел за кршење на примирјето и за „измислување изговори“ со цел да ги оправда своите акции.

Примирјето, што стапи во сила на 10 октомври, предвидуваше зголемена испорака на помош — до 600 камиони дневно — но по новите инциденти Израел целосно ја прекина испораката.

Текстот Израел ја запре испораката на помош за Појасот Газа е превземен од МАКФАКС.