Израелските одбранбени сили објавија дека Хамас држи 199 заложници во Газа, меѓу кои има и државјани на други земји, објави британскиот „Гардијан“.

Според британскиот медиум, меѓу заложниците се најмалку 13 деца и две лица постари од 80 години.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари рекол дека прашањето на киднапираните е од национален врвен приоритет.

„Војската и Израел деноноќно работат за да ги вратат“, посочил Хагари.

Заложниците биле земени на 7 октомври, кога стотици милитанти на Хамас извршија изненадувачки упад во Израел, напаѓајќи музички фестивал и 20-ина погранични населени места. Притоа беа убиени повеќе од 1 300 луѓе.

Тајланд потврди дека 17-мина негови граѓани се меѓу заложниците, како и 13-мина Французи, десетмина Британци, осуммина Германци, двајца Мексиканци и еден Русин, објавија нивните земји.

И САД кажаа дека одреден број нивни граѓани се заробени од Хамас и дека 13-мина се водат како исчезнати.

Хамас кажа дека заложниците се држат на безбедни места и во тунели и претходно се закани дека ќе ги убива ако Израел продолжи да ги бомбардира домовите во Газа без предупредување.