Израелската армија се подготвува да ги евакуира палестинските цивили од најјужниот град Рафа во Газа, пред планираната офанзива против Хамас, наведува американскиот весник „Волстрит џурнал“.
Повикувајќи се на израелски и египетски официјални лица, американскиот дневен весник објави дека израелскиот план предвидува првите две до три недели од операцијата да бидат посветени на евакуација на цивили, во соработка со САД, Египет и неколку други арапски земји.
Се наведува дека евакуацијата ќе опфати и населување на цивили во градот Кан Јунис, меѓу другите населени места во Газа, каде Израел ќе гради засолништа со шатори, храна и здравствени установи, пишува весникот „Тајмс оф Израел“.
После тоа, официјалните лица рекоа дека израелската војска постепено ќе ги внесува војниците во Рафа и ќе ги таргетира областите каде што верува дека се кријат водачите и оперативците на Хамас.
Израел соопшти дека градот Рафа останува последното упориште на Хамас, каде се наоѓаат четири недопрени баталјони на групата. Израелските власти, исто така, веруваат дека многу од заложниците кои сè уште се во рацете на палестинските милитанти се држат во Рафа.
Египетските власти соопштија дека борбите во Рафа се очекува да траат најмалку шест недели, иако времето на операцијата останува нејасно.
Известувањето за подготовките на Израел дојде откако портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер рече: „Не сакаме да видиме евакуирани Палестинци од градот Рафа, освен ако не се вратат во нивните домови“.
Администрацијата на американскиот претседател Бајден постојано го изразуваше своето противење на масовната израелска воена операција во Рафа.
„Не мислиме дека постои ефикасен начин за евакуација на 1,4 милиони Палестинци. Не постои начин да се спроведе операција во Рафа што нема да резултира со прекумерна цивилна повреда и сериозно нарушување на испораката на хуманитарна помош“, рече портпаролот Милер.
Израел тврди дека не може да го победи Хамас без широка офанзива во Рафа за да ги разбие преостанатите баталјони на групата.
Н. Абдурахмани