Израелската армија мора да спроведе операција во Рафах, каде што се засолниле околу 1,4 милиони Палестинци, бидејќи во спротивно ќе ја „изгуби војната“ против Хамас, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. На прес-конференција во Ерусалим, Нетанјаху истакна и дека израелската армија ќе изврши операција во Рафах дури и во случај на договор со Хамас за ослободување на заложниците кои движењето се уште ги држи во Газа, пренесува Ал Џезира.
По офанзивата на градот Газа, а потоа и на Кан Јунис, Израел се подготвува да влезе во Рафах, последниот голем град во Појасот Газа, што предизвикува сериозни стравувања за судбината на цивилното население кое нашло засолниште таму.
Американскиот претседател Џо Бајден, чија земја е главен поддржувач на Израел, вчера потсети дека операцијата во Рафах „не треба да се одвива без кредибилен план“ за заштита на цивилите. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека операцијата во тој град ќе доведе до „невидена хуманитарна катастрофа“.
„Оној што сака да не спречи да ја извршиме операцијата во Рафах, всушност ни вели да ја изгубиме војната. Јас нема да се предадам на тоа“, нагласи израелскиот премиер.
Тој, исто така, нагласи дека борбите во Газа ќе продолжат се додека не се исполнат сите цели.
Што се однесува до преговорите, за Нетанјаху тие можат да продолжат кога Хамас ќе ги измени своите барања, кои во овој момент ги нарече „заблуди“.
Г. Т.