Преговорите Москва-Киев кои се водат на ниво на делегации се уште не испорачале резултати кои би довеле до примирје и прекин на огнот. Уште од четвртата рунда тие продолжија во видео-формат, а украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно инсистира на средба со рускиот колега Владимир Путин. Последно, напори за тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели вложил израелскиот премиер Нафтали Бенет.
„Премиерот на Израел, Бенет се обидува да најде начин за преговори со Русија. Ние сме благодарни за тоа и за сите напори направени досега за да започнеме разговори со Русија порано или подоцна. Средбата може да биде во Ерусалим. Ова е вистинскиот начин да се изнајде мир додека е сè уште возможно“, рече Зеленски.
Зеленски вчера во интервју кажа дека доколку преговорите пропаднат, војната во Украина ќе прерасне во Трета светска војна.
Од Кремљ денеска велат дека се уште нема некаков значаен напредок во преговорите и можен договор, за да би се создале услови Путин и Зеленски да седнат на заедничка маса.
„Нивото на напредок во разговорите не е толку високо како што би сакале, и не како што бара динамиката на ситуацијата во Украина. Руската страна покажува многу поголема подготвеност да работи брзо и значајно за разлика од преговарачите од украинската страна“, рече Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Украинските медиуми пак пишуваат дека руските преговарачи омекнале во своите позиции, но дека Киев не е подготвен за прашањето за територијалниот интегритет. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу веќе рече дека договор меѓу двете страни може да се постигне за барањето за воена неутралност, но дека преговорите потешко се одвиваат за прашањето за Донбас, Луганск и Крим.
Претходно, американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд, рече дека во моментов е мала надежта дека преговорите ќе доведат до крај на војната во Украина и шансите за пресврт се мали. Таа додаде дека Русите не даваат можност за дипломатско решение.
Лука Андреев