Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Израел не е на дневен ред додека не ја преиспита својата одлука за признавање на палестинска држава.
Во телефонски разговор со неговиот француски колега Жан-Ноел Баро, Саар ја повика Франција да ја „преиспита“ својата иницијатива за признавање на палестинска држава, според соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.
„Додека Франција ги продолжува своите напори и иницијативи што се спротивни на интересите на Израел, таквата посета нема да биде можна“, рече Саар.
Кон крајот на јули, францускиот претседател објави дека Франција ќе ја признае Палестина како држава на Генералното собрание на ОН во септември. Повеќе од десетина западни земји, вклучувајќи ги Канада, Австралија, Белгија и Словенија, се придружија и ги повикаа другите земји од целиот свет да го сторат истото.
Одлуката предизвика тензии меѓу двете земји, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатиот месец го обвини францускиот претседател за „разгорување на пламенот на антисемитизмот“ во Франција.
Израелската национална телевизија Кан вчера објави дека Нетанјаху го одбил барањето на Емануел Макрон да го посети Израел, цитирајќи го поранешниот француски пратеник Мејер Хабиб.
Во разговор со францускиот министер за надворешни работи Баро, израелскиот министер за надворешни работи рече дека француската иницијатива „ја загрозува стабилноста на Блискиот Исток и ги поткопува националните и безбедносните интереси на Израел“.
Текстот Израел: Макрон не е добредојден додека не ја преиспита одлуката за признавање на Палестина е превземен од МАКФАКС.