Израел го критикуваше извештајот за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа, пренесе ДПА.
Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во однос на наводите дека вработени во ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.
Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.
Извештајот „ја игнорира сериозноста на проблемот“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Орен Марморштајн на X.
– Проблемот со УНРВА-Газа не е во неколку лоши јаболка; тоа е гнило и отровно дрво чии корени се Хамас, напиша тој.
– Хамас толку длабоко се инфилтрира во УНРВА што веќе не е можно да се одреди каде завршува УНРВА, а каде почнува Хамас, напиша Марморштајн.
– Вака не изгледа вистински и темелен преглед. Вака изгледа обид да се избегне проблемот и да не се решава директно, нагласи тој и додаде дека „УНРВА беше дел од проблемот, а не дел од решението“.
– Постојат и други решенија. УНРВА не може да биде дел од решението во Газа ниту сега, ниту во иднина, изјави портпаролот на израелското МНР.