Израел денеска ги повика Палестинците во неколку области на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат и да се упатат кон, како што ја нарече, проширената хуманитарна област во Ал-Маваси, што е дополнителен показател дека израелската војска продолжува со своите планови за копнен напад врз Рафах, пишува Тајмс од Израел.
Во објава на социјалната мрежа Х, воениот портпарол исто така ги повика жителите и раселените луѓе во областа Џабалија во северна Газа и 11 други населби во енклавата веднаш да заминат во засолништата западно од градот Газа.
Following attempts by Hamas to reassemble its terrorist infrastructure and operatives in Jabaliya, the IDF has called on the civilian population of Jabaliya and the surrounding areas to temporarily evacuate to shelters in western Gaza City. This is being done in accordance with… pic.twitter.com/20TFn9A24s
— Israel Defense Forces (@IDF) May 11, 2024
Според палестинската новинска агенција ВАФА, 24 Палестинци биле убиени во текот на ноќта откако израелски авиони нападнале неколку области во центарот на Газа.
И покрај големиот притисок од САД и загриженоста изразена од жителите и хуманитарните групи, Израел соопшти дека ќе продолжи со упадот во Рафах, каде што повеќе од еден милион раселени луѓе побараа засолниште за време на седуммесечната војна.
Израелската војска соопшти дека досега околу 300.000 жители на Газа тргнале кон Ал-Маваси.
Израел вели дека не може да победи во војната без да ги искорени илјадниците борци од исламистичкото движење Хамас за кои верува дека се распоредени во Рафах.
Израелските тенкови вчера го зазедоа главниот пат што ги дели источните и западните делови на Рафах, практично опкружувајќи ја источната страна во нападот поради што Вашингтон прекина дел од воената помош за својот сојузник. Белата куќа вчера соопшти дека „со загриженост“ ги следи израелските операции.
Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Во израелската воена операција во Газа, за која Израел вели дека има за цел да го елиминира Хамас, загинале близу 35.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.
Администрацијата на САД вчера нагласи дека употребата на добиеното американско оружје од страна на Израел може да го прекрши меѓународното хуманитарно право за време на операцијата во Газа, што е најголемата упатена критика на Израел досега.
Но, администрацијата не даде дефинитивна оценка, велејќи дека поради хаосот на војната, не може да ги провери конкретните случаи во кои употребата на ова оружје можеби била вклучена во наводните прекршувања.
Г. Т.