Израелските воени сили и тенкови навлегоа подлабоко во делови од северниот округ на Појасот Газа што претходно ги заобиколија во седуммесечната војна досега, убивајќи и ранувајќи десетици Палестинци, изјавија жителите и медицинскиот персонал, објавија западните медиуми.
Израелските воени сили окупираа и некои области на Рафах, јужен град долж границата со Египет, во моментов преполн со раселени жители од Појасот Газа. Израел повторно нападна делови од северна Газа овој месец, иако во јануари прогласи крај на големите операции таму. Истовремено, израелските сили најавија дека ќе се вратат таму за да спречат прегрупирање на палестинската исламистичка група која владее со Газа.
Едно од нападнатите места е Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Појасот Газа.
Војници и тенкови излегоа на улиците на кампот, кој досега беше поштеден од копнена офанзива, велат жителите. Според здравствените власти, во еден израелски напад загинале 15 Палестинци, а десетици биле ранети. Министерството за здравство и цивилните служби за вонредни состојби во Газа соопштија дека нивните тимови примиле десетици повици за можни жртви, но не можеле да ја потврдат информацијата поради тековната копнена офанзива и воздушно бомбардирање.
„Денеска е најтешко, кога има бомбардирање, воздушни напади и гранатирање од тенкови затоа што се трае речиси без престан“, истакна еден од жителите на Џабалија, Ибрахим Калед.
„Знаеме дека десетици луѓе се убиени и ранети, но ниту една брза помош не може да влезе во областа“, изјави тој за Ројтерс.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили продолжиле да дејствуваат во областите низ Појасот Газа, вклучувајќи ги Џабалија и Рафах, како дел од, како што рече, „прецизни операции против терористите и инфраструктурата“.
Г. Т.