Седницата на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации се вжешти откако израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, остро ја нападна специјалната известувачка Франческа Албанезе поради нејзиниот извештај во кој Израел се обвинува за кршење на човековите права и за меѓународната поддршка што ја добива.
„Госпоѓо Албанезе, секојпат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на волшепства“, изјави Данон обраќајќи ѝ се преку видео-врска.
Албанезе не можеше лично да присуствува на седницата, бидејќи САД ѝ воведоа санкции и ѝ ја укинаа визата во јули, со образложение дека вршела „нелегитимен притисок врз Меѓународниот кривичен суд“ за постапки против американски и израелски функционери.
Во најновиот извештај, Албанезе остро го критикува Израел, но и обвинува повеќе држави — меѓу нив САД, Велика Британија, Германија и Унгарија — дека се соучесници поради дипломатска или воена поддршка на Израел.
Канада, Австралија и Нов Зеланд се обвинети дека ги „ослабуваат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се спомнати затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да користи нивен воздушен простор и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот ги споменува и неколку арапски и муслимански земји, меѓу кои Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, поради поддршка на мировниот план на Доналд Трамп, кој, според Албанезе, „олеснува нов облик на окупација“.
Текстот Израелскиот амбасадор во ОН до специјалната известувачка: „Вие сте вештерка, се обидувате да нѐ проколнете“ е превземен од МАКФАКС.
 
		