Израелскиот премиер Нафтали Бенет најави дека нема да учествува на денешниот самит во Глазгов, доколку не се обезбеди соодветен пристап за министерката во неговата влада која е во инвалидска количка, јави Би-Би-Си.

Advertisements

Израелската министерка за енергетика, Карин Елхарар, на својот Твитер профил напиша дека не можела да присуствува на вчерашниот состанок бидејќи немало соодветен пристап за инвалидска количка.

„Тажно е што ОН не обезбедува пристап до своите настани“, напиша таа.

Бенет информираше дека поднеле официјална жалба до организаторите на настанот.

Британскиот амбасадор во Израел Нил Виган на Твитер напиша дека „длабоко и искрено“ ѝ се извинува на министерката.

„Сакаме Самит на ЦОП кој е инклузивен и каде сите се добредојдени“, напиша тој.

Елхарар за израелскиот Канал 12 изјави дека не може да дојде до местото каде се одржува конференцијата затоа што единствените опции биле или да пешачи или да земе шатл, кој не бил погоден за инвалидска количка.

Нејзината канцеларија за „Тајмс оф Израел“ соопшти дека таа чекала пред објектот на настанот во Глазгов два часа, и на крајот била принудена да се врати во својот хотел во шкотската престолнина Единбург, оддалечен 80 километри.

Џејмс Клеверли, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, рече дека е „длабоко разочаран и фрустриран“ што немало соодветен пристап за г-ѓа Елхарар да може да присуствува на Самитот. Тој соопшти дека за ова е разговарано и оти таа ќе може да присуствува на денешната сесија, пренесува Би-Би-Си.

Официјалната израелска делегација соопшти дека за инцидентот бил информиран и британскиот премиер Борис Џонсон кој ја поканил да присуствува на денешната средба меѓу двајцата премиери.