Израел ја засили својата воена кампања во Појасот Газа. Израелските сили соопштија дека во една од најинтензивните ноќи на бомбардирање досега погодиле 150 подземни цели во северните делови на Газа, вклучувајќи и како што наведоа, терористички тунели, подземни борбени простори и дополнителна инфраструктура.

„Силите сè уште се на терен и војната продолжува. Досега, во однос на активностите од синоќа, нема жртви кај нашите сили. Ќе продолжиме да вложуваме големи напори да ги заштитиме нашите војници со поддршка од воздух, но ова е војна“, рече Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

На израелските воздушни и копнени операции им претходеше целосно исклучување на интернетот и електричната енергија во Газа. Тамошното население со недели е без храна, вода и струја, а сега е и во целосна изолација од светот.

Од Обединетите нации алармираа дека ниту тие не можат да комуницираат со своите тимови во опколената Газа. Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом, рече дека прекинот на комуникациските линии резултира со целосна парализа на работата на амбулантните возила да стигнат до повредените.

„И натаму немаме контакт со нашиот персонал и здравствените установи. Загрижени сме за нивната безбедност…“, изјави Тедрос Аданом, шеф на СЗО.

Агенцијата за бегалци на ОН објави дека од петокот 58 нејзини вработени биле убиени при израелските напади. Од почетокот на насилството на 7 октомври, загинаа над 7.300 Палестинци, над 60 проценти од нив малолетници и жени. Претходно повеќе од 1.400 Израелци беа убиени од страна на Хамас при нападите на 7 октомври.

Алсат