Израелската војска вчера издаде нови наредби за евакуација на областите во јужниот дел на Газа, вклучително и источниот Кан Јунис и Рафах. Ова ги принуди жителите, многумина веќе раселени, да најдат ново засолниште, што укажува на можноста за уште една копнена операција, пренесе Си-Ен-Ен.
Европската болница Газа во Кан Јунис, една од последните болници на територијата, е во зоната на евакуација. Според заменик-директорот на болницата и лекарите, тие префрлиле пациенти, вклучително и оние на интензивна нега и бебиња во инкубатори, како и медицинска опрема во други болници „во страв од крвопролевање“.
„Тоа е хаотична сцена и многу тешка и страшна“, изјави д-р Салех ал Хамс, заменик директор на европската болница Газа во Кан Јунис, за Си-Ен-Ен. Ова е негова трета евакуација, рече тој.
Во понеделникот, Палестинската Црвена полумесечина (PRCS) објави дека итното одделение во болницата Ал Амал во Кан Јунис било преплавено со повреди откако пациентите биле префрлени од Европската болница по израелската воена наредба за евакуација на областа Ал Фухари. PRCS соопшти дека болницата примила и пациенти од болницата Насер, која на сличен начин била пренатрупана со пациенти од Европската болница.
Во посебна изјава, неколку часа по првичната наредба за евакуација, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека наредбата „не се однесува на пациентите во Европската болница или медицинскиот персонал што работи таму“.
„Нема намера да се евакуира Европската болница“, се вели во соопштението на ИД.
Израелската војска ги повлече своите копнени сили од Кан Јунис во април по неколкумесечни жестоки борби кои оставија голем дел од градот во урнатини.
Во вторникот, портпаролката на палестинската агенција на ОН за бегалци УНРВА, Луиз Вотериџ, која моментално се наоѓа во Газа, рече дека агенцијата гледа „масовно“ движење на луѓе од зоните за евакуација по најновата наредба на израелската војска. Агенцијата соопшти дека очекува околу 250.000 луѓе во зоните за евакуација да ја напуштат областа.
Во меѓувреме, израелските напади и гранатирање на Кан Јунис продолжија, при што најмалку осум лица загинаа, а 32 се повредени во текот на ноќта, според болницата Насер.
Д. Т.