Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со Теохаров Аудио, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници ‘Legendary’ – технолошки и дизајнерски напредни уреди кои се здобија со голема популарност.

Во просториите на Македонскиот културен центар во Загреб, во среда, на 3 јули со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложбата The Vlatko Stefanovski Experience, посветена на значајниот јубилеј – 50 години музичка кариера на Влатко Стефановски.

Изложбата претставува избор од концертни фотографии кои ги документираат различните фази од солистичката кариера на Стефановски. Автори на фотографиите се Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ – фотографи кои долги години го следат Стефановски на неговите настапи и турнеи во Македонија, Србија и пошироко. Таа за првпат беше поставена во галеријата Мала Станица во јуни 2024, во рамките на фестивалот Скопје Синема Сити.

Преку објективот на овие четворица фотографи се отвора еден визуелен архив кој сведочи за уметничкиот раст и развој на Стефановски – од неговите рани соло настапи, преку бројните музички соработки, па сè до денешните концерти кои сè уште пленат со виртуозност и силна емоционалност. Фотографиите ја доловуваат не само динамиката на настапите, туку и атмосферата на концертите, реакциите на публиката и посветеноста со која Влатко излегува на сцена.

Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со Теохаров Аудио, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници ‘Legendary’ – технолошки и дизајнерски напредни уреди кои се здобија со голема популарност.

„Концертната сцена е местото каде што музиката се доживува најнепосредно – под рефлектори, без филтери“, вели авторот на изложбата, новинарот и куратор Ненад Георгиевски. „Влатко Стефановски е уметник кој постојано покажува дека звукот може да биде и емоционален компас и културен идентитет.“

Изложбата The Vlatko Stefanovski Experience е во организација на здружението Номад-Арт Скопје и ќе биде отворена за посетители до 8 јули. Таа е поддржана од Министерството за култура и туризам. Публиката е поканета да ја доживее оваа визуелна ретроспектива како омаж за еден уметник чие музичко творештво надминува граници, жанрови и генерации.

Текстот Изложба на фотографии во чест на 50 години соло кариера на Влатко Стефановски во Загреб е превземен од МАКФАКС.