Францускиот магазин Voici откри зачинети детали за враќањето на принцезата Шарлин во Монако.
Имено, новинарите на овој тиражен магазин дознале дека таа и нејзиниот сопруг наводно потпишале финансиски договор за принцезата да продолжи да ги извршува службените должности во кнежевството.
Според Voici, принцот Алберт за тоа ќе плаќа голема сума, дури 12 милиони евра годишно.
Магазинот пишува дека Шарлин поголемиот дел од времето ќе го помине во Швајцарија, каде за време на празниците ќе ја посетат близнаците Жак и Габриел, а во замена за голема сума пари ќе мора да учествува на настани важни за кнежевството.
Еден од нив е Бал де ла Роуз.
Балот на рози, како што се нарекува, е основан во 1954 година од мајката на Алберт, принцезата Грејс Кели, со идеја да го собере високото општество од целиот свет и на тој начин да собере пари за помош на децата и сиромашните. Балот на розите оваа година е закажан за 8 јули.
Да потсетиме, принцезата Шарлин конечно излезе во јавност, за прв пат по лекувањето во психијатриска клиника во странство. Со нејзиниот сопруг Алберт и близнаците Жак и Габриел, таа се појави на трката во Формула 1, Е-При, која се одржува во Монте Карло секоја втора година.