Работниците на сите видови работни места треба да бидат подготвени да се прилагодат на порастот на вештачката интелигенција на работното место, вели Даг Мекмилон, извршен директор на Волмарт, најголемиот приватен работодавач во Соединетите Американски Држави, објавува CNBC.

„Многу е јасно дека вештачката интелигенција буквално ќе ја промени секоја работа“, рече Мекмилон во интервју за „Волстрит журнал“. „Можеби има некои работни места во светот што вештачката интелигенција нема да ги промени, но не можам да се сетам на една“, рече тој.

Мекмилон им се придружува на голем број други врвни директори, вклучувајќи ги Енди Џаси од „Амазон“ и Џим Фарли од „Форд“, кои објавија планови за намалување на нивната работна сила во наредните години, бидејќи интегрираат повеќе алатки за вештачка интелигенција. Волмарт планира да ја замрзне својата глобална работна сила од 2,1 милиони работници во текот на следните три години, а истовремено предвидува раст на приходите за кој компанијата вели дека ќе дојде од поширокото усвојување на технологиите за вештачка интелигенција.

Мекмилон очекува работните места во канцелариите, таканаречените „бели јаки“ да бидат меѓу првите што ќе бидат погодени, бидејќи „Волмарт“ сè повеќе користи чет-ботови и други алатки со вештачка интелигенција за да извршува задачи како што се услуга на клиентите и следење на синџирот на снабдување. Со текот на времето, вработените во продавниците и магацините на „Волмарт“ исто така ќе видат сè повеќе задачи преземени од алатки за вештачка интелигенција, а оние што ќе останат ќе мора да прифатат нови технологии за да останат релевантни, рече Мекмилон во неодамнешно интервју за „Асошиејтед Прес“. „Не мислам дека некој знае точно како тоа ќе се одвива“, рече тој, повторувајќи го своето верување дека „во основа, секоја работа ќе се промени“.

За најдобро да ги подготви работниците за ерата на вештачката интелигенција, Мекмилон препорачува да се запознаат со новите алатки и технологии на вештачката интелигенција за да станат поефикасни и попродуктивни. „Мислам дека најдобриот начин да се размислува за тоа е да се „надгради“, изјави тој за АП. „Како можам активно да се вклучам во која било улога што ја имам, каква и да е таа, да усвојам нови алатки, да ги користам и да ги подобрам работите?“

И покрај напредокот во технологијата, луѓето се подобри од вештачката интелигенција во меките вештини како што се комуникацијата и критичкото размислување, што ќе ги направи вредни во иднина, рече Мет Гарман, извршен директор на Amazon Web Services. „Тие вештини се важни денес. Мислам дека ќе бидат подеднакво важни, ако не и поважни [во иднина]“, рече Гарман.

Мекмилон се согласува, забележувајќи дека на Волмарт секогаш ќе му требаат човечки вештини, особено во интеракциите со клиентите. „Додека не им служиме на хуманоидни роботи и тие немаат можност да трошат пари, ние им служиме на луѓето“, рече тој.

Најпосакуваните работници ќе бидат оние кои можат да комбинираат меки вештини со техничко знаење, заклучи Мекмилон, наведувајќи ги менаџерите на продавници на Волмарт како пример. „Вештините што ги има менаџерот на продавница се и човечки и технички“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на комуникацијата и критичкото размислување, заедно со способноста да се применат алатки за вештачка интелигенција за следење на продажбата и логистиката. „Мислам дека вештините што ги имаме како човечки суштества се вредни. Тие отсекогаш биле, а тоа ќе биде уште поважно во иднина“, заклучи тој.

фото: принтскрин

Текстот Извршниот директор на „Волмарт“: Вештачката интелигенција ќе ги промени апсолутно сите работни места е превземен од МАКФАКС.