Американскиот Сенат едногласно го потврди републиканскиот сенатор Марко Рубио, остар критичар на Кина и цврст поддржувач на Израел, за државен секретар на претседателот Доналд Трамп.
Сенатот го поддржа Рубио со 99-0 гласови, неколку дена откако долгогодишниот член на комисиите за надворешни односи и разузнавање на Сенатот го помина сослушувањето за потврда на Конгресот.
Рубио стана првиот од кандидатите за кабинетот на Трамп потврден од Сенатот, само неколку часа откако претседателот положи заклетва за втор мандат во Белата куќа.
Оваа недела се очекуваат и други гласања за номинираните на Трамп.
Рубио (53) е остар критичар на Кина и поддржувач на Израел. Синот на имигрантите од Куба, исто така, се залага за остри мерки против островот со кој владее комунизмот и неговите сојузници, особено владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
За време на сослушувањето во Конгресот, тој предупреди дека САД мора да го сменат курсот за да избегнат повеќе да се потпираат на Кина и вети силна надворешна политика фокусирана на американските интереси.
Рубио рече и дека американската политика треба да биде војната во Украина да заврши.
Тој рече дека постигнувањето договор за прекин на огнот ќе вклучи отстапки и од Москва и од Киев и посочи дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во изминатата деценија.
Рубио е првиот човек со шпанско потекло кој служи како врвен дипломат во земјата.
Текстот Избран е државниот секретар на Трамп: тој е критичар на Кина и Куба и силен поддржувач на Израел е превземен од МАКФАКС.