Властите го идентификуваа човекот осомничен за убиството на извршниот директор на „Јунајтед Хелт“, Брајан Томпсон и се приближуваат кон него, изјави градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.

„Обрачот се стега“, им рече Адамс на новинарите на божиќната забава на Полициската атлетска лига во Харлем, според „Њујорк пост“. Тој одби да го именува осомничениот.

Томпсон (50), кој стана извршен директор на осигурителната компанија „Јунајтед Хелт“ во април 2021 година, беше застрелан од зад грб околу 6:45 часот во средата, во како што полицијата го нарече напад од маскиран вооружен маж. Убиството се случи непосредно пред годишната конференција за инвеститори на компанијата во хотелот Хилтон на Шестата авенија.

Престрелката предизвика голема потера по напаѓачот, кој побегнал пеш облечен во јакна со качулка, маска и сив ранец пред да се вози со електричен велосипед кон Централ парк, соопшти полицијата.

„Засега не сакаме да го соопштиме името“, рече градоначалникот.

„Ако го направите тоа, и’ давате информации на личноста што ја барате, а ние не сакаме да му помогнеме. Нека продолжи да верува дека може да се сокрие зад маската“.

„Го најдовме неговото лице“, продолжи тој, покажувајќи ја снимката од безбедносните камери.

„Ќе го изведеме пред лицето на правдата“.

Полицијата верува дека осомничениот го напуштил Њујорк, врз основа на снимката на која се гледа како влегува во такси што го однело до меѓуградската автобуска станица.

Околностите на нападот сугерираат дека тој бил планиран, соопшти полицијата, бидејќи снимката од надзорните камери покажува дека напаѓачот ги игнорирал другите пешаци додека го чекал Томпсон. Се уште не е познат мотивот на напаѓачот.

„Јунајтед Хелт“ е најголемата американска компанија за здравствено осигурување.

Текстот Идентификуван убиецот на моќниот извршен директор во Њујорк е превземен од МАКФАКС.