Немирите во Франција, кои избија по убиството на 17-годишниот Нахел М. од страна на полицијата, продолжија петта ноќ по ред. Синоќа, исто како во петокот, на улиците ширум Франција беа распоредени околу 45 илјади полицајци кои требаше да се справат со нередите.
Сепак, се чини дека петтата ноќ од немирите помина помирно во однос на претходните. Француското Министерство за внатрешни работи во официјално соопштение информира дека синоќа се уапсени 719 лица, што е помалку во однос на апсењата пред два дена, кога беа приведени над 1 100 демонстранти.
Во полициското соопштение се додава дека во текот на ноќта се повредени 45 полицајци, додека 74 згради, вклучувајќи 26 полициски станици се оштетени, а 577 возила се опожарени.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен на својот профил на Твитер ја пофали полицијата за „одличната акција што доведе до помирна ноќ“.
Сепак, иако помирна, и вчерашната вечер помина со низа немири. Најголемите судири се случија во јужниот град Марсеј, каде што полицијата употреби солзавец за да ја контролира толпата. Таму се извршени 56 апсења.
Иако силното полициско присуство во главниот град делумно ги одврати демонстрантите, властите соопштија дека синоќа напаѓачи со автомобил упаднале во домот на градоначалникот на париското предградие Леј-ле-Роуз.
Нападот се случил во 01:30 часот (23:30 по Гринич), кога градоначалникот на предградието бил во својата канцеларија, а неговата сопруга и двете деца спиеле внатре во куќата. Едно од децата и сопругата на градоначалникот се здобиле со повреди во моментот кога обиделе да побегнат, јавува Би-би-си.
Градоначалникот на париското предгради Леј-ле-Роуз, Винсент Жанбрун, објави дека демонстрантите ја нападнале неговата куќа и обвини дека нападот бил обид за убиство, а полицијата започна истрага за случајот.
Немирите ширум Франција почнаа по убиството на 17-годишното момче Нахел М. од страна на полицијата. Неговата смрт ги разгоре долготрајните поплаки од сиромашните и расно мешаните урбани заедници за полициското насилство и расизмот.