Последниве недели сѐ почесто слушаме за случаи на вакцинирани што се заразиле со вирусот – меѓу пријателите на нашите пријатели, меѓу познатите личности, политичарите, лицата што се позитивни на тестот иако се целосно вакцинирани.
Некои меѓу нив развиваат симптоми на ковидот, но повеќето благи.
Институтот Роберт Кох (РКИ) во Германија од почетокот на вакцинирањето во февруари забележа повеќе од 117 илјади вакцинирани заразени со вирусот, односно зараза со симптоми.
Специјалистите ова во никој случај не го објаснуваат со неефикасноста на вакцината, која и понатаму добро заштитува од тешки симптоми, макар и да бидат потребни и засилувачки дози за одржување на таквото ниво на заштита.
Мора да знаете дека заштитата од инфекцијата по шест месеци од вакцинирањето веќе не е толку силна“, вели германскиот виролог Хендрик Стрик.
Со него се согласува и Лиф Сандер, научник од одделението за заразни болести и респираторна медицина во берлинската болница Шарите.
Заштитата е најсилна две недели по втората доза вакцина, а потоа полека опаѓа, објаснува Сандер. Но важно е да се истакне дека нивото на заштита кај вакцинираните лица секогаш ќе биде многу поголемо отколку кај невакцинираните, додава тој.
Научната заедница таквиот развој на настаните нималку не ја изненадува. Истакнатиот германски виролог Христијан Дростен уште во април кажа дека вакцинираните лица веќе по неколку месеци би можеле да придонесат за ширење на вирусот.
А вирологот Стрик вели дека е многу поважно лицето да биде заштитено од потешки симптоми на болеста, што и го овозможува вакцинирањето, отколку да биде поштедено од повторна зараза.
Тој додава дека тие што и покрај вакцинирањето ќе се разболат, најчесто развиваат благи симптоми, а кај некои вакцинирани лица симптомите воопшто ги нема.
И можноста за пренесување на вирусот се разликува меѓу вакцинираните и невакцинираните.
Количеството вирус во организмот на вакцинираните многу побрзо се намалува, а вакцината всушност го скратува времето за кое вирусот може да се пренесе“, објаснува Стрик.
Заразата по вакцинирање може да биде опасна кај повозрасните лица чијшто имунолошки одговор е послаб. Според податоците на РКИ, во Германија од февруари од ковид починале 1.076 лица.
Важно е да се истакне дека меѓу нив 72 отсто биле постари од 80 години.
Тоа укажува на, општо земено, поголем ризик од смртен исход во групата од споменатата возраст, независно од ефикасноста на вакцината“, соопшти Институтот.
Гледајќи го вкупниот број на заболените, „само мал дел од хоспитализираните, тие што се лекувани во одделението за интензивна нега или се починати, биле вакцинирани“, кажаа тие.
Во соопштението на Институтот на Роберт Кох стои дека порастот на бројот на случаите на заразување по вакцина е „предвидлив“, зашто сѐ повеќе луѓе се вакцинираат, а рестриктивните мерки се ублажуваат, што ја зголемува веројатноста дека во контакт со вирусот ќе дојдат и целосно вакцинирани лица.
Сандер предлага засилувачката доза да им се понуди на сите, без оглед на возраста, шест месеци по вакцинирањето со втората доза, и смета дека таа би го потиснала ширењето на вирусот кај популацијата.
Притоа тој се повикува на искуството на Израелците, кои благодарејќи на засилувачките дози се извлекоа од последниот бран од ширењето на вирусот.
Од друга страна, Стрик не е толкав поборник за трета доза вакцина. Тој истакнува дека на глобално ниво нема доволно вакцини, па смета дека е поважно поголем дел земји во светот да се снабдат со втората доза на вакцината отколку да се брза со трета кај побогатите земји.
Тој верува дека за здравствените системи би било подобро да се вакцинираат лицата постари од шеесет години со две дози отколку лицата во дваесеттите години и со трета доза на вакцината.
Во Калифорнија, откако Американската агенција за храна и лекови (ФДА) ги одобри вакцините, тие станаа достапни за јавноста.
Така, сите лица постари од 65 години што веќе се вакцинирани, односно лицата што имаат и некои други здравствени проблеми, се повикани на довакцинирање со дополнителна засилувачка доза.
Засилувачката доза таму сега им се препорачува на сите возрасни лица што работат во места изложени на вирусот, како што се болниците, училиштата или трговијата.
Но и во САД има проблем за возрасните вакцинирани лица, кои не влегуваат во тие категории.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.