Речиси сите европски лидери одлучија да ја бојкотираат кинеската воена парада по повод Денот на победата во Пекинг, со исклучок само на двајца лидери чие присуство предизвика бројни контроверзии, пишува „Би-би-си“.

Тоа се словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои со тоа повторно се најдоа во центарот на вниманието. И двајцата присуствуваа на руската парада за Денот на победата во Москва во мај и, исто како и тогаш, и сега во Пекинг се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.

Иако двајцата пристигнаа во Пекинг, нивните мотиви се разликуваат. Србија, иако е кандидат за членство во ЕУ, има блиски економски односи со Кина и се обидува да одржи неутрален став кон Русија, и покрај осудите на војната во Украина.

Од друга страна, позицијата на Роберт Фицо е многу посложена. Неговата Словачка е членка и на ЕУ и на НАТО, но Фицо отворено повикува на нормализација на односите со Русија.

Додека Брисел планира да го прекине увозот на руска нафта и гас до крајот на 2027 година, словачкиот премиер сака да го зголеми снабдувањето на својата земја со руски енергетски производи, и покрај напорите на Украина да го прекине гасоводот.

Остра порака од Брисел

Додека Путин го фали Фицо за неговата „независна надворешна политика“, европските сојузници го гледаат тоа сосема поинаку.

На прашањето дали словачкиот премиер ја претставува Европската Унија во Пекинг, портпаролката на Европската комисија даде краток и јасен одговор „не“. Таа нагласи дека Кина е „клучен поддржувач“ на Русија во војната против Украина.

Политичките противници на Фицо во Словачка го обвинуваат дека служи на руската пропаганда и деја ги предал интересите на сопствената земја. Самиот Фицо го оправдува своето доаѓање со тоа што наведува дека е во Пекинг „додека се формира новиот светски поредок“.

По разговорот со Путин, тој рече дека дошол до неколку заклучоци и дека има „сериозна порака“ за украинскиот претседател Зеленски, со кого треба да се сретне во петок.

Фото: ЕПА

Текстот Зошто само Вучиќ и Фицо дојдоа од Европа на историската парада на Шји во Кина? е превземен од МАКФАКС.