Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки и музичките ѕвезди Џон Бон Џови и Брајан Адамс се последните во низата познати личности кои се заразени со коронавирус иако се вакцинирани. Но, експертите велат дека ваквите случаи на „пробив“ на вирусот САРС-КоВ2 не ги изненадуваат.
Во последниве недели сè повеќе се слуша за пробив на вирусот – меѓу пријатели на пријателите, познати личности, политичари…, луѓе кои се позитивни иако се целосно вакцинирани.
Некои од нив развиваат симптоми на ковид, но главно благи.
Институтот Роберт Кох (РКИ) во Германија има регистрирано повеќе од 117.000 случаи на пробив на вирус или инфекција со симптоми, откако вакцинацијата започна во февруари.
Експертите на никаков начин не го доведуваат ова со неефикасноста на вакцината, која сепак добро штити од тешки симптоми дури и ако се потребни дози за засилување за да се одржи такво ниво на заштита.
„Треба да знаете дека заштитата од инфекција шест месеци по вакцинацијата повеќе не е толку силна“, вели германскиот виролог Хендрик Стрик.
Леиф Сандер, научник од одделот за заразни болести и респираторна медицина во берлинската болница Шарит, се согласува.
Заштита од потешка форма на болеста
Заштитата е најсилна две недели по втората доза на вакцината, а потоа полека опаѓа, објаснува Сандер.
-Но, важно е да се истакне дека нивото на заштита кај вакцинираните секогаш ќе биде многу повисоко отколку кај невакцинираните, додава тој.
Научната заедница воопшто не е изненадена од ваквиот развој на настаните. Водечкиот германски виролог Кристијан Дростен уште во април изјави дека вакцинираните луѓе би можеле да придонесат за ширење на вирусот по само неколку месеци.
И вирологот Стрик вели дека е многу поважно лицето да биде заштитено од потешките симптоми на болеста, што им овозможува вакцинацијата, отколку да бидат поштедени од реинфекција.
Тој додава дека оние кои се разболуваат и покрај вакцинирањето најчесто развиваат благи симптоми, а кај некои вакцинирани се целосно отсутни.
Пренесување на вирусот
И можноста за пренесување на вирусот се разликува помеѓу вакцинирани и невакцинирани.
„Количината на вирусот во телото со вакцината се намалува многу побрзо, а вакцината всушност го скратува периодот во кој вирусот може да се пренесе“, објаснува Стрик.
Пробивот на вирусот може да биде опасен кај постарите луѓе чиј имунолошки одговор е послаб. Според Институтот, 1.076 вакцинирани лица починале од ковид во Германија од февруари.
Важно е да се напомене дека 72 отсто од нив биле постари од 80 години.
„Ова укажува на генерално поголем ризик од смрт кај споменатата возрасна група без разлика на ефикасноста на вакцината“, велат од Институтот.
Гледајќи го вкупниот број на пациенти, „само мал дел од хоспитализираните, кои биле лекувани во единицата за интензивна нега или починатите може да се припишат на појавата на вирусот“, велат тие.
Трета доза
Во соопштението од Институтот Роберт Кох се вели дека зголемувањето на бројот на случаи на пробивање е „предвидливо“ бидејќи се вакцинирале повеќе луѓе и биле олеснети рестриктивните мерки, зголемувајќи ја веројатноста целосно вакцинираните луѓе да дојдат во контакт со вирусот.
Сандер предлага бустер дозата да се понуди на сите, без разлика на возраста, шест месеци по вакцинацијата со втората доза и смета дека тоа би имало „дампинг“ ефект врз ширењето на вирусот кај населението.
Притоа тој се повикува на искуството на Израелците, кои благодарение на „бустерите“ се извлекле од последниот бран на ширење на вирусот.
Стрик, од друга страна, не е толку поддржувач на третата доза од вакцината. Тој посочува дека нема доволно вакцини на глобално ниво и смета дека е поважно повеќето земји во светот да се снабдат со втора доза вакцина отколку да се брза со третата од богатите.
Тој верува дека би било подобро здравствените системи да ги вакцинираат луѓето постари од шеесет години со две дози отколку луѓето во дваесеттите години со третата доза од вакцината.
Во Калифорнија, откако Американската агенција за храна и лекови (ФДА) ги одобри вакцините, тие станаа достапни за јавноста.
Така, се повикуваат сите оние над 65 години кои се веќе вакцинирани, односно лицата кои имаат други здравствени проблеми да се ревакцинираат со дополнителна ‘бустер’ доза.
Зголемената доза таму сега се препорачува за сите возрасни кои работат во средина многу изложена на вирусот, како што се болници, училишта или продавници.
Но, дури и во САД, проблемот се јавува кај вакцинираните возрасни лица кои не спаѓаат во тие категории.